Непорен и исцрпувачки ден за натпреварувачите на ,,4 Острови”. Мераг како почетна точка ги собра сите тимови во траектот на кој се распоредуваа блоковите за стартната позиција. Сирената значеше почеток на најтешката и најдолга патека во серијата етапи од која ниту една немаше ‘’благ призвук’’.

           

Борбата за подобра позиција започна со силно и стрмно искачување при кое на првата остра кривина десетици возачи беа принудени да се симнат од велосипедите поради немилосрдната турканица, а партнерот од тимот на Петер Весел се здоби со скршеница. Тимот на ВК Енерџи сепак, најде добра позиција и се извлече во предниот дел на групата со која успеа да се задржи во наредните неколку исклучително исцрпувачки километри. По влегувањето во шумските патеки и брзите спустови, повторно нагли карпести премини и искачувања, преку серпентини со остри завои и камени предели, бескрајни технички и диви предели, па се до долги и искуштелни искачувања каде на денешната трка се правеа промените на позициите на тимовите. Видливи на патеката беа честите дефекти на велосипедите поради исклучителниот суров терен, но и многумина од возачите подоцна со на нив видливи лесни повреди.

71 километар со висинско искачување од 1650 метри, со стратегија која во последните 25 километри наликуваше на експлозивна XCO трка, ВК Енерџи обезбеди време од 4Ч40минути со што ја зацврсти позицијата на десетото место.

           

‘’Рајот на овчарот’’ како што уште ја нарекуваат оваа етапа е веројатно привид за туристите кои рекреативно ја доживуваат убавината на природата во овие островски предели на Хрватска. За возачите сепак, фокусот е единствено кон побрзо закрепнување од еден во друг ден, зашто време за одмор нема. Утрешниот ден е резервиран за финалето на островот Лошињ. Победата сепак, ќе им припадне на оние кои ќе успеат да влезат во целта и ќе бидат запишани како освојувачи на престижната ,,4 Острови”.