Оваа година од 20ти до 24ти април се случува најновото издание на предизвикот наречен ,,4 Islands” – рангирана меѓу првите пет XCO етапни трки во светот. Местото е Р.Хрватска, етапите се Крк, Раб, Црес и Лошињ – острови низ кои природата пркоси на реалноста а козјите патеки и морето играат криенка.

Натпреварот започнува со т.н. Пролог од 13 километри како кратка спринтерска етапа по принципот на хронометар кој ги одредува стартните позиции за натпреварувачите за наредниот ден. Сепак, со првата етапа веќе се најавува искучителниот и суров ,,мирис” на предизвикот. Долги искачувања по козји патеки, брзи спустови и технички предизвици ја одбележуваат рутата на островот Крк со должина од 71 километар и 1750 метри висинско искачување.

Третиот ден за велосипедистите приредува брза и не толку технички сложена патека, но со кратки и спринтерски искачувања минувајќи низ терен од секаков вид. Како пат околу светот низ кој ја запознавате џунглата, пустината или светот изграден од камен. 65 километри и 1120 метри висинско искачување ја опишува втората етапа на островот Раб.

Нека не ве залажува убавината на природата, зашто исклучително техничка и предизвикувачка е токму третата етапа на островот Црес. Наречена е ,,Рајот на овчарот” а возачите ќе се соочат со прилично остри косини и патеки кои воздивнуваат над морето. Повторно, нешто повеќе од седумдесетина километри со 1650 метри искачување во височина.

И пред да се опуштите и да уживате во чувството на победа со самиот факт дека сте ја поминале целната линија, најкратка но најинтензивна со 40 незаборавни километри – етапа за победниците кои ги туркаат сопствените лимити до самиот крај. Финалето на Лошињ на 24ти април оваа година ќе ја искусат велосипедисти од целиот свет, меѓу кои и претставници на маунтинбајк елитата.

Шестото издание на ,,4 Islands” организаторот го посветува на страствените вљубеници во приказната наречена МТБ.

До сега, повеќе од 2000 возачи учествувале на овој престижен настан оставајќи ја својата пот, болка и радост додека го откриваат секој агол и секоја патека прекриена со карпи и корења, во исклучителни временски услови и без милост за неподготвените возачи.

,,4 Islands” е несомнено еден од најголемите МТБ предизвици, тоа е трка за победници, токму за оние возачи кои се подготвени да покажат сила, издржливост и храброст и да ги поттурнат границите на сопствените можности.

Извор: www.4islands.hr