На 15ти Август, со почеток во 13 часот, пулсирачки старт за елитната категорија-жени сениорки. Помеѓу најмоќните тимови и водечките имиња на светската МТБ ранг листа,  претставничките на Велосипедската федерација на Македонија, Дуња Иванова (ВК Енерџи) со пласман на 43то и Анета Антовска (ВК Оксижен) на 44то место успешно ја завршија трката на уникатната патека на Петроварадинската тврдина во Нови Сад.

Интензитетот сепак, на температура од +40 степени, за сите велосипедисти значеше предизвик и успех да се влезе во целта. Постојана промена на ритамот со експлозивни кратки искачувања, брзи завои, спустови и бескрајни скалила беа главните обележја кои претставуваа голема атракција за сите присутни и воопшто за тимовите на сите репрезентации.

Победничката, французинката Паулин Феранд Превот во својата биографија, помеѓу бројните шампионски титули, забележа уште едно освоено Европско првенство.

Неколку часови подоцна, сирената во 16 часот го означи стартот на машката елитна трка која запечати мигови за паметење. Македонскиот тим на ВФМ составен од Емил Цветанов (ВК Кроссајклинг) финишира на 55то, Милан Нацевски (ВК Оксижен) на 58то и Мартин Николовски (ВК Кросссајклинг) на 62то место. Сите тие ја имаа честа да возат во друштво на европската маунтинбајк елита.

Исклучително борбено, енергично и несомнено зрело,  Ларс Форстер како во еден здив, за себе, за својот тим и за Швајцарија обезбеди уште една причина за гордеење.